Податоците од најновиот извештај на Светскиот Економски Форум – The future of jobs report за 2020 година најавуваат дека работните места ќе бидат многу различни во наредните 10 години. Се смета дека дури 50% од работните места ќе бидат заменети со автоматизација на истите. Овој податок не мора да значи дека работните позиции ќе бидат заменети со компјутери, туку дека вработените ќе работат заедно со напредни машини што се развиваат многу брзо.
Токму затоа преквалификација на работникот ќе биде клучна во наредниот период бидејќи, за 10 години од сега, се проектира дека 90% од работните места ќе бараат поседување на дигитални вештини. Младите, ниско квалификуваните и ранливите категории на граѓани се оние кои ќе имаат најголема потреба за да ги доразвијат или научат потребните вештини кои ќе ги наметнува пазарот на трудот.
Анализата на McKinsey Global Institute, но и на голем број други истражувања, покажува дека професиите од различните области од STEM (science, technology, engineering, and mathematics) се најдобро рангирани професии во светот. Работните позиции како што се канцелариска поддршка и производствена работа се професии кои во иднина ќе бидат во опаѓање. Всушност автоматизацијата за која што ќе пишуваме подолу е процес кој што се интензивира целосно или делумно токму во овие дејности.
Доколку сакате и размислувате да продолжите со високо образование, да се запишете на курс за да научите некоја нова вештина, обука за доусовршување и слично, она што веројатно се прашувате пред да се одлучите е: дали тоа што ќе го научите сега ќе биде актуелно и релевантно во моментот кога ќе го завршите вашето образование.
Поради ова во продолжение ќе ги разгледаме проекциите за професиите на иднината. Според извештајот на Светскиот Економски Форум најбарани професии ќе бидат: Дата аналитичари и научници, Специјалисти за вештачка интелигенција и машинско учење, Специјалисти за големи податоци (Big data), Специјалисти за дигитален маркетинг и стратегија и Специјалисти за автоматизација на процеси.
Како професии кои ќе бележат опаѓање на работната сила, односно работни места со намалена побарувачка во иднина се проектирани: Записничари и внесувачи на податоци, Административни и извршни секретари, Сметководители, Монтажери и работници во фабрика.
World Economic Forum – The Future of Jobs Report 2020 – https://www.weforum.org/reports/the-future-of-jobs-report-2020
Како што веќе споменавме, автоматизацијата ќе донесе тектонски поместувања во светот на работата. Ова би значело целосна промена или замена на едни работни места со други, но и создавање на нови работни места. Милиони луѓе во светот потенцијално ќе треба да ја променат својата професија или пак да се преквалификуваат за да можат да ја работат истата работа преку надградба на нови вештини. Она што може да се забележи според најновите податоци е подемот и побарувачката на интелектуалните, односно умствените способности на работникот за сметка на физичките вештини.
Како клучни вештини на иднината ќе се сметаат критичкото размислување и анализа, решавањето на проблеми, како и користење/употреба на технологија и развој. Овие вештини се сметаат како најважни во изминатите неколку години по ред.
World Economic Forum – The Future of Jobs Report 2020 – https://www.weforum.org/reports/the-future-of-jobs-report-2020
АНАЛИТИЧКО РАЗМИСЛУВАЊЕ И ИНОВАЦИЈА
АКТИВНО УЧЕЊЕ И СТРАТЕГИЈА НА УЧЕЊЕ
РЕШАВАЊЕ КОМПЛЕКСНИ ПРОБЛЕМИ
КРИТИЧКО РАЗМИСЛУВАЊЕ И АНАЛИТИЧНОСТ
КРЕАТИВНОСТ И ОРИГИНАЛНОСТ
ЛИДЕРСТВО И ВЛИЈАТЕЛНОСТ
УПОТРЕБА НА ТЕХНОЛОГИЈА
ДИЗАЈН НА ТЕХНОЛОГИЈА
ФЛЕКСИБИЛНОСТ И ОТПОРНОСТ НА СТРЕС
СТРУКТУРИРАЊЕ НА ИДЕИ
ЕМОЦИОНАЛНА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА
ЛОЦИРАЊЕ ПРОБЛЕМИ
УСЛУЖНА ОРИЕНТИРАНОСТ
АНАЛИЗА И ЕВАЛУАЦИЈА НА СИСТЕМИ
УБЕДУВАЊЕ И ПРЕГОВАРАЊЕ
World Economic Forum – The Future of Jobs Report 2020 – https://www.weforum.org/reports/the-future-of-jobs-report-2020
Веќе укажавме дека професиите од различните области од STEM се едни од најдобро рангираните и најплатените професии во светот. Од друга страна во Македонија постои дефицит од образовен кадар во STEM областа, што неминовно ја наметнува потребата од негова популаризација. Исто така, според некои истражувања, образовните резултати кои Македонија ги покажува во STEM се наоѓаат на долниот праг на табелата споредено со останатите европски држави.
Од друга страна, една од спецификите на македонскиот пазар на труд е недостиг на работна сила од специфични квалификации кои не бараат високо образование. Анализата на податоците на Агенцијата за вработување, во однос на актуелните занимања за кои има најголем број огласени слободни места покажува дека освен за работното место инженер по информациски технологии, како и за неколку за кои е потребно средно стручно образование (биолошки техничар, хемиски техничар и сл.), во најголемиот број случаи станува збор за мануелни работни места, за кои се потребни основни вештини и базична писменост.
Занимања со најголем број слободни места
ГОЛЕМАТА слика : македонската економија на среден и долг рок:економија и финансии / [автори:] Глигор Бишев, … [и др.]. – Скопје: Фондација “Фридрих Еберт”, Kанцеларија Скопје, 2020 http://library.fes.de/pdf-files/bueros/skopje/16896.pdf, стр. 68
Занимања со најголем број слободни места
ГОЛЕМАТА слика : македонската економија на среден и долг рок:економија и финансии / [автори:] Глигор Бишев, … [и др.]. – Скопје: Фондација “Фридрих Еберт”, Kанцеларија Скопје, 2020 http://library.fes.de/pdf-files/bueros/skopje/16896.pdf, стр. 68
Студија за ефектите врз приватниот сектор од ИКТ индустријата погоден од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот covid-19 со препораки за справување со последиците https://masit.org.mk/wp-content/uploads/2020/07/ikt-studija-02.06.2020.pdf
Доколку се анализираат најплатените работни позиции на македонскиот пазар, заклучно со месец ноември 2020 година, дејноста, “Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности” исплатила највисоки плати по вработен, односно 66 556 денари нето плата. Втори според висина на просечна плата се Финансиски дејности и дејности на осигурување со исплатени 41 606 денари нето плата, додека трети на листата се наоѓаат Правни и сметководствени дејности со вкупно 34 434 денари нето плата. Просечната нето плата од сите дејности за месец Ноември 2020 година изнесувала 27 588 денари.
Извор – МАСИТ: Извештај за ИКТ индустријата во Северна Македонија 2020 https://masit.org.mk/wp-content/uploads/2020/07/ikt-studija-02.06.2020.pdf
Извор – МАСИТ: Извештај за ИКТ индустријата во Северна Македонија 2020 https://masit.org.mk/wp-content/uploads/2020/07/ikt-studija-02.06.2020.pdf
Намената на прикажаните податоци и анализата која што ја понудивме имаат за цел да гоcприкажат потенцијалот на работни места што ги носи иднината, промената на работата генерално, како и динамиката по која што ќе се движат овие промени. Неспорно е дека образованието останува да биде клучниот предуслов за изборот на професија и кариера на работникот, меѓутоа глобалните трендови индиректно алудираат на промени и во самите образовни процеси. Образованието ќе мора да се адаптира и реафирмира како клучен партнер и посредник на компаниите во процесот на генерирање на квалификуван, работоспособен кадар во иднина.
Непобитен факт на кој што укажува анализата исто така, е дека професиите во областа на ИКТ се во подем и ваквиот тренд на зголемена побарувачка на работна сила во иднина ќе продолжи и во Македонија. Дополнително, најплатените работни позиции во земјава се токму оние во ИКТ секторот, каде што вработените се вреднувани и земаат плати што отскокнуваат многу повеќе од просекот. Предвидувањата за зголемување на дефицитарниот кадар за оваа област во наредните неколку години се важни индикатори за најмалку три работи.
Прво, дека платите во оваа област ќе продолжат да растат поради намалена конкурентност на пазарот. Второ, дека неопходно е интензивно да се вложува во STEM областите во сите фази од образованието и трето, потребни се редовни процени на потребите на пазарот на трудот и вложување во преквалификација во овие области за да може навремено да се одговори на побарувачката на работна сила.